Статут

Врз основа на чл.14 ст.1 и чл.16 од Законот за политичките партии (Сл.весник на РМ бр.76/2004, 5/2007, 8/2007, 7/2008, 23/2013), основачите на политичката партија ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА, на Основачкото собрание одржано на ден 18.03 2018 година, го донесе следниот

С Т А Т У Т

ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА

1. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1

1. Со овој Статут се дефинира и утврдува политичката дејност и организациската структура на политичката партија ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА, кои се засноваат на Уставот на Република Македонија, Законот за политички партии и другите законски и подзаконски акти со кои се регулира оваа област како облик на здружување на граѓаните, поради остварување и заштита на политички, социјални, културни права и уверувања.
2. ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА е политичка партија (во натамошниот текст партија), формирана за остварување и заштита на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања и заради учество во процесот на донесување на политички одлуки при учество во власта и во која врз основа на принципот на слободно пристапување во рамките на уставните определби на Република Македонија, членуваат оние кои ги прифаќаат програмските цели и задачи на партијата.

Член 2

1. Името на партијата е: ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА
2. Скратеното име на партијата е: ГДУ
3. Седиштето на партијата е во Скопје, на улица „Скопска“ број 9/А

Член 3

Партијата има својство на правно лице од денот на нејзиното запишување во Судскиот регистар.

Член 4

1. Партијата има грб, знаме и химна.
2. Партискиот грб преставува бел круг околу кој е испишано Граѓанско Демократска Унија а во чија средина се наоѓа светло син круг на кој кружно се распоредени четиринаесет жолти ѕвезди кои се следени од кружно поставен венец од акациии а во средината ја има кратенката на партијата ГДУ испишана со големи букви.

3. Партиското знаме е со димензии 2:1 и е _____________________
4. Партијата има и химна, химната на партијата ја утврдува Националниот комитет на партијата.

Член 5

1. Партијата има свој печат и штембил.
2. Партискиот печат е во форма на круг во кој е испишано името на партијата и местото на седиштето, а во средината е поставен партискиот грб.
3. Штембилот е во правоаголна форма и во него е испишано името на партијата.

2. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ

Член 6

1. ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА се залага за:

1. Демократски развој и социјален просперитет на Република Македонија.
2. Правна држава и владеење на правото, доследно спроведување на законите и правните процедури и самостојност во одлучувањето на судовите;
3. Пазарно стопанство и приватната сопственост, како темелни основи на економскиот систем.
4. Слободно здружување на граѓаните во партиски или непартиски организации, здруженија и за слобода на вероисповеданието, во која свештенството и верите се автономни.
5. Слобода на говорот и печатот, спротиставување на секаков вид политичко туторство врз новинарството, цензурата, интервенционизмот во новинарските прилози.
6. Почитување на правата на етничките малцинства, спротиставување на било какви изрази на нетолеранција, шовинизам или сегрегација на полова, етничка,јазична или верска основа:
7. Градење на пријателство и добрососедство со сите соседни држави;
8. Зачленување на Република Македонија во Европската Унија и НАТО;
9. Обезбедување на економска-социјална сигурност.
10. Децентрализација на државата и развој на локалната самоуправа
11. Унапредување и заштита на индивидуалните слободи и права на човекот и граѓанинот, на колективните права на заедниците и на малцинските и маргинализираните групи;
12. Развој на парламентарната демократија во Република Македонија
13. Здрава животна средина и здрава храна
14. Освојување на власта

Член 7

1. Партијата во остварувањето на своите програмски цели и задачи делува во Република Македонија.
2. Партијата делува во согласност со актите утврдени од страна на органите на партијата и правниот поредок на Република Македонија.

Член 8

ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА може да членува во странски организации и да соработува со странски политички партии.

Член 9

1. Работата на партијата е јавна.
2. Јавноста може да биде исклучена од работата на определени тела на партијата во исклучителни ситуации со одлука на истите.

Член 10

За афирмирање и остварување на програмските цели, партијата издава свое гласило.

3. ЗАЧЛЕНУВАЊЕ ВО ПАРТИЈАТА

Член 11

1. Членувањето во партијата е доброволно.
2. Член на партијата може да биде секој полнолетен граѓанин, односно државјанин на Република Македонија, без разлика на неговото национално потекло, верска определба, пол, социјален и економски статус, кој живее или работи во или надвор од Македонија, кој не е член на друга политичка партија, а кој ќе даде изјава (пристапница) за членство во партијата и ги прифака програмските определби и целите и задачите содржани во овој Статут.

Член 12

Начинот на зачленување, правата и обврските на членовите, како и статусот на почесните членови, подетално се утврдуваат со Правилник кој го утврдува Управувачкиот Комитет на партијата, а го донесува Националниот Комитет на Партијата.

Член 13

1. Права, обврски и одговорност на членовите на партијата се:
– да учествува во работата на партијата;
– да избира и да биде избран во органите на партијата;
– да биде информиран за активностите и дејствувањето на партијата;
– да дава предлози за поуспешна работа на партијата;
– да се придржува до програмските документи, Статутот и другите акти на партијата.

Член 14

1. Членот сноси одговорност во случај кога активноста е спротивна на овој Статут, програмските определби, целите и задачите на партијата.
2. Начинот на постапката на утврдување на одговорноста ќе се регулираат со посебен правилник.

Член 15

1. Членувањето во партијата престанува со:
– изјава за доброволно истапување од членството;
– трајно губење на деловната способност;
– настапување на смрт;
– исклучување заради дејствување спротивно на Статутот, програмските документи и другите акти на партијата;
– поради губење на државјанството на Република Македонија.
(2) Со престанување на членување во партијата, на членот му престануваат и сите функции кој дотогаш ги имал во органите на партијата, комисии и тела.

4. ОРГАНИЗАЦИОНА СТРУКТУРА НА ПАРТИЈАТА
4.1 ОРГАНИЗАЦИОНА ПОСТАВЕНОСТ И НАЧИН НА ФУНКЦИОНИРАЊЕ НА МЕСНИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ

Член 16

1. Својата активност партијата ја остварува преку месните организации, како организациони единици врз територијален принцип.
2. Со секоја месна организација на партијата раководи и управува комитет.
3. Комитетите може да бидат:
– Месни клубови;
– Локални клубови;
– Градски клуб-Скопје.

Член 17

Критериумите за основање местни организации, составот и начинот на работата и начинот на избор на комитетите и другите органи на месните организации, се уредуваат со Деловник за работа на местните организации, кој го донесува Националниот Комитет на партијата-НК на ГДУ.

4.1.2 Месни Клубови

Член 18

1. Месната организација е основен облик на организирање на партијата.
2. Со месната организација управува Месен Клуб.
3. Одлука за негово основање и престанок донесува Локалниот Клуб.
4. Со Месниот Клуб раководи Претседател на Месен Клуб.

Член 19

1. Членови на Месен Клуб се:
– Претседател на Месен Клуб;
– Потпретседател на Месен Клуб – Секретар на Месен Клуб;
– Благајник на Месен Клуб;
– Претседател на МЛАДИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА НА ПАРТИЈАТА, Унија на млади сили од местната организација, од подрачјето на месниот клуб;
– Претседател на ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ЖЕНИ НА ПАРТИЈАТА, Унија на жени од подрачјето на Месниот Клуб;
– Други членови делегирани од секоја населба, односно населено место доколку месната организација ја сочинуваат членови од повеќе населби односно населени места.

Член 20

1. Цели и задачи на Месниот Клуб се:
– Разгледува прашања од значење за Месниот Клуб;
– Спроведува одлуки, ставови и заклучоци на Локалниот Клуб;
– Создава услови за зачленување на нови членови;
– Донесува заклучоци и завзема ставови;
– Води записник за седниците, го доставува до Локалниот Клуб ;
– Врши и други работи што ќе му ги довери Локалниот Клуб.

4.1.3.Локални Клубови

Член 21

1. Општинската организација на ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА претставува облик на организирање на членовите на Партијата и начин на поврзување на месните организации од подрачјето на општината.
2. Со општинската организација управува Локален клуб.
3. Одлука за основање и престанок на Општинската организација донесува Управувачкиот Комитет на партијата.
4. Со општинската организација раководи Претседател.

Член 22

1. Членови на Локалниот Клуб се:
– Претседател на Локалниот Клуб ;
– Членови именувани од Управувачкиот Комитет на партијата;
– Членови на Националниот Комитет;
– Претседателот на Локалниот Клуб на МЛАДИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА, Унија на млади сили на Партијата;
– Претседателот на Локалниот Клуб на ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ЖЕНИ, Унија на жени на Партијата;
– Секретарот на Локалниот Клуб ;
– Благајникот на Локалниот Клуб ;
– Градоначалникот на општината;
– Координатор на советничката група;
– Пратениците избрани во Собранието на Република Македонија од подрачјето на Општината

Член 23

1. Цели и задачи на Локалниот Клуб се:
– Донесува програма за работа на Комитетот;
– Поднесува годишен извештај за остварување на програмата на Локалниот Клуб ;
– Донесува Буџет;
– Донесува периодична и годишна сметка и ги доставува до Секретарот на партијата во законски предвидениот рок;
– Донесува одлуки за трошење на средствата од буџетот на Локалниот Клуб ;
– Отвара жиро сметка;
– Организациите на партијата се должни еднаш годишно или на барање на Локалниот Клуб да поднесат извештај за својата работа;
– Зазема ставови за идејно-политичка активност на членовите и Месните Клубови и го насочува нивното дејствување кон суштествените идејно-политички прашања од интерес на партијата;
– Создава услови со кои се обезбедува сестрано вклучување и постојано ангажирање на сите членови на подрачјето на општината;
– До кадровската комисија предлага кандидати за избор на Градоначалник и Советници;
– На предлог од претседателот на Локалниот Клуб, Локалниот Клуб избира и разрешува координатор и заменик координатор на Советничката група со мнозинство гласови од вкупниот број на членови;
– На предлог од претседателот на Локалниот Клуб , Локалниот Клуб назначува лице одговорно за односи со НВО, здруженија на граѓани и асоцијации;
– Го насочува дејствувањето на советниците кога предмет на расправа на седниците на Советот на општината се значајни прашања со цел да се изгради единствен став;
– Претресува прашања што се од суштинско значење на Партијата и дава предлози за нивно разгледување пред повисоките органи на Партијата;
– Донесува одлука за основање на Месен Клуб во која се дефинирани населените места кои го опфаќаат Месниот Клуб, седиштето на Месниот Клуб и името на Месниот Клуб;
– Донесува одлука за спроведување за избор на Месен Клуб;
– Ги верификува мандатите на претседателите на Месните Клубови;
– Може да разреши претседател на Месен Клуб согласно одредбите од Деловникот за работа на Месните Клубови;
– Основа комисии и други работни тела.

4.1.4. ГРАДСКИ КЛУБ

Член 24

1. Градската организација на партијата во Скопје претставува облик на организирање на членовите на партијата и начин на поврзување на Општинските Клубови на партијата од подрачјето на град Скопје.
2. Со Градската организација управува Градски Клуб.
3. Одлука за основање и престанок на градската организација донесува Управувачкиот Комитет на Партијата.
4. Со Градската организација раководи претседател.

Член 25

1. Членови на Градскиот Клуб се:
– Претседателот на Градскиот Клуб ;
– Потпретседателот на Градскиот Клуб ;
– Членови именувани од Уптавувачкиот Комитет на партијата;
– Благајник на Градскиот Клуб ;
– Претседателите на Општинските Клубови на општините што се наоѓаат во Градот Скопје;
– Секретарот на Градскиот Клуб;
– Претседателот на Градскиот Клуб на МЛАДИНСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА, Унија на млади сили;
– Претседателот на Градскиот Клуб на ОРГАНИЗАЦИЈАТА НА ЖЕНИ, Унија на жени;
– Градоначалникот на Скопје;
– Координаторот на советничката група во советот на Град Скопје.

Член 26

1. Цели и задачи наГрадскиот Клуб се:
– Донесува програма за работа на Градскиот Клуб ;
– Ја координира и усогласува работата на Општинските Клубови од подрачјето на Градот Скопје, во согласност со Законот за Градот Скопје и Законот за локална самоуправа;
– Зазема ставови за определени прашања од интерес на градот и општините од подрачјето на градот;
– дава насоки за единствен настап на советниците во советот на град Скопје;
– Составува детален извештај по спроведени локални избори и задолжително изготвува извештај за постигнатиот успех на кандидатите од другите политички партии;
– Врши и други работи што ќе му ги довери управувачкиот Комитет на Партијата.
– За својата работа најмалку еднаш годишно поднесува извештај до Управувачкиот Комитет;

5. ОРГАНИ НА ПАРТИЈАТА

Член 27

1. Органи на партијата се:

1. Конгрес;
2. Претседател;
3. Национален Комитет;
4. Управувачки Комитет;
5. Статутарна комисија;
6. Надзорен Комитет.

5.1. Конгрес на партијата

Член 28

1. Конгресот е највисок орган на партијата.
2. Конгресот може да биде редовен или вонреден.
3. Редовниот Конгес се одржува на четири години.
4. Одлука за свикување на редовен Конгрес донесува Националниот Комитет, најмалку три месеци пред одржувањето на конгресот.
5. Барање за свикување вонреден Конгрес можат да поднесат една половина од вкупниот број на членови на Националниот Комитет.
6. Претседателот е должен во рок од 10 дена од поднесувањето на барањето да свика Седница на Националниот Комитет која се одржува најдоцна 20 дена од поднесувањето на барањето.
7. Одлука за одржување на вонреден Конгрес се донесува со мнозинство гласови од вкупниот број членови на Националниот Комитет.
8. По донесувањето на одлуката на Националниот Комитет за одржување на вонреден Конгрес тој се одржува во рок од 30 дена.
9. Конгресот го сочинуваат најмалку 250 делегати, а Националниот Комитет ги определува критериумите за распределба на делегатите.
10. Конгресот може да работи ако се присутни најмалку две третини од вкупниот број делегати.
11. Мандатот на делегатите на конгресот трае четири години односно до одржувањето на редовниот Конгрес.

Член 29

1. Конгресот на партијата:
– Донесува Деловник за работа;
– Избира Комисија за верификација на мандатот на делегатите на конгресот и ги верифицира нивните мандати;
– Донесува програма и програмски документи;
– Донесува и менува Статут;
-Разгледува и усвојува Извештај за материјално-финансиско работење на партијата;
– Избира претседател на партијата;
– Избира Статутарна комисија;
-Избира лице одговорно за материјално-финансиското работење на партијата;
– Избира Комисија за надзор над материјално-финансиското работење на партијата;
– Избира други Комисии и тела.
– Донесува одлуки и други акти.

5.2. Претседател на партијата

Член 30

1. Претседателот на партијата е политичко-извршен орган кој го избира
Конгресот со тајно гласање.
2. Мандатот на претседателот трае 4 години.
3. Кандидат за претседател можат да предложат најмалку една десетина (1/10) од вкупниот број делегати на Конгресот.
4. За претседател на партијата е избран кандидат кој добил мнозинство гласови од вкупниот број делегати.
5. Aко во првиот круг ниту еден од кандидатите за претседател не го добил потребното мнозинство гласови, во вториот круг се гласа за двајцата кандидати кои во првиот круг добиле најмногу гласови.
6. На повтореното гласање, за претседател на партијата е избран кандидатот кој добил мнозинство гласови од делегатите кои гласале, доколку гласале повеќе од половина делегати.
7. Доколку и во вториот круг на гласање ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство гласови, се повторува целата изборна постапка.
8. Начинот на кандидирање и постапка за избор се утврдува со Деловникот за работа на Конгресот.

Член 31

1. Претседателот на партијата:
– Ја претставува и ја застапува партијата;
– Ги координира редовните активности во партијата и претседава со седниците на Управувачкиот Комитет,;
– Спроведува политички и други одлуки во име на партијата;
– Се грижи за спроведување на програмата, и другите акти на партијата;
– Склучува договори и потпишува акти и други документи согласно Програмата и Статутот на Партијата;
– Донесува одлука за назначување потписници на жиро-сметката на партијата;
– Предлага избор и разрешување на потпретседатели и секретар на партијата;
– Предлага избор и разрешување на членови на Управувачкиот Комитет:
– Може да запре извршување одлуки и други акти на Управувачкиот Комитет и на другите Органи и тела на партијата и за тоа го известува Националниот Комитет;
– За својата работа поднесува извештај пред Националниот Комитет еднаш годишно.

Член 32

1. Должноста на претседателот на партијата може да му престане и пред истекот на мандатот:
– Доколку поднесе оставка;
– Поради неактивност или несоодветно вршење на доверените права и должности
– Во случај на смрт.

5.3. Националниот Комитет на партијата

Член 33

1. Националниот Комитет е највисок орган помеѓу два конгреса.
2. Мандат на Националниот Комитет трае 4 (четири) години.
3. Членови на Националниот Комитет се:
– Претседателот на партијата;
– Потпретседателот на партијата;
– Секретарот на партијата;
– Претседателот на Градскиот Комитет-Скопје;
– Претседателите на Општинските Комитети;
– Именуваните членови од Извршниот Комитет.
– Претседателите на организациите на партијата;
– Претседателот, потпретседателот и секретарот на младинската организација на партијата;
– Претседателот, потпретседателот и секретарот на Организацијата на жените на партијата Унијата на жени;
– Пратеничката група на Партијата.
4. Седниците ги води претседавачот на Националниот Комитет кој се бира од редовите на членовите на Националниот Комитет

Член 34

1. Националниот Комитет:
– Утврдува предлог програма и Статут;
– Избира и разрешува потпретседатели, секретар на партијата и членови на Управувачкиот Комитет на партијата;
– Донесува одлука за основање на младинска организација на партијата, организација на жените членови во партијата и други посебни облици на организарање во рамките на партијата;
– Се грижи за реализирање на задачите утврдени на конгресот;
– Утврдува идејно-политички задачи;
– Го разгледува и усвојува годишниот извештај на Управувачкиот Комитет;
– Дава иницијативи за разгледување на определени прашања на Конгресот;
– Дава политички насоки за делување на комитетите;
– Врши верификација на мандатите на членовите на Националниот Комитет;
– Одлучува за соработка и за заеднички настап со други политички партии;
– Утврдува критериум и избира кандидати за пратеници;
– Го усвојува годишниот извештај за финансиското работење на партијата;
– Врши измени и дополнување на статутот помегу два конгреса;
– На предлог на претседателот на партијата, формира организационен одбор и други тела за подготовка за конгрес;
– Донесува Деловник за својата работа;
– Донесува Деловник за работата на Месните Клубови, Општинските Клубови и Градскиот Клуб;
– Донесува одлука и други акти од својата надлежност.
– Формира и други комисии и тела:

Член 35

1. Националниот Комитет работи на седници.
2. Седниците на Националниот Комитет ги свикува претседавачот на Националниот Комитет на партијата во координација со Управувачкиот Комитет.
3. Седниците се одржуваат по потреба, но најмалку еднаш на три месеци.
4. Покана за седница се испраќа на сите членови на Националниот Комитет по правило 10 дена пред одржувањето на седницата.
5. По исклучок, во итни случаи, претседателот може да свика седница на Националниот Комитет во рок покус од 5 дена, а дневниот ред да го предложи на самата седница.
6. Седница на Националниот Комитет на Партијата може да се свика на барање на Управувачкиот Комитет на партијата доколку одлуката за свикување ја донесе половина од членовите на Управувачкиот Комитет на партијата.

5.4.Управувачки Комитет на партијата

Член 36

1. Управувачкиот Комитет е политичко-извршен орган на Националниот Комитет, чиј број на членови се утврдува со одлука за негов избор.
2. При донесувањето на одлуката за избор на членови на Управувачкиот Комитет, претседателот на партијата при предлагањето на членовите на Управувачкиот Комитет ќе води сметка да предложи најмалку еден член од секоја изборна единица.
3. Управувачкиот Комитет делува врз основа на политичките насоки, заклучоците и задачите на Националниот Комитет и на Претседателот на партијата.
4. Работата и активностите на Управувачкиот Комитет ги координира Претседателот и Потпретседателите на партијата.

Член 37

1. Управувачкиот Комитет работи на седници.
2. Седниците ги свикува, со нив раководи и претседава претседателот на партијата.
3. Седница на Управувачкиот Комитет може да свика и на иницијатива на половина од членовите на Управувачкиот Комитет на Партијата.
4. Управувачкиот Комитет за својата работа одговара пред Националниот Комитет и претседателот на партијата.

Член 38

1. Управувачкиот Комитет:
– Донесува Деловник за својата работа и деловници за работата на организациите на Партијата;
– Донесува одлука за основање на Градски Клуб-Скопје, Општинските Клубови;
– Донесува одлуки од материјално-финансиски карактер;
– Го утврдува предлогот на годишниот извештај за финансиското работење на партијата и усвојува финансиски план и пресметка за наредната година;
– Именува и разрешува претседател на Градскиот Клуб-Скопје и претседатели на Општинските Клубови;
– Усвојува предлози за именување и разрешување на членови во Градскиот Клуб-Скопје и на Општинските Клубови, доставени од Градскиот односно Општинските Клубови;
– Именува и разрешува оперативни координатори на региони;
– Донесува одлуки за бројот и составот на регионите;
– Донесува правилник за утврдување на одговорноста на членовите на партијата и дисциплинската постапка;
– Основа дисциплинска комисија која одлучува во втор степен;
– Основа други комисии и тела;
– Донесува одлуки, заклучоци и други акти;
– На предлог на Претседателот, донесува одлука за ангажирање на повремени советници на Управувачкиот Комитет;
– Меѓу двата конгреса му предлага на Националниот Комитет избор и разрешување на членови на Статутарната Комисија и Надзорниот Комитет;
– Предлага термин за одржување на Годишното Собрание.

Член 39

Управувачкиот Комитет може да запре извршување одлуки и други акти на Општинските Клубови и на Градскиот Клубови-Скопје, на организациите на партијата, доколку се во спротивност со програмата и Статутот на партијата.

5.5. Потпретседател на партијата

Член 40

1. На предлог на Претседателот на партијата, Националниот Комитет, со мнозинство гласови од вкупниот број членови, избира и разрешува Потпретседатели на партијата.
2. Мандатот на Потпретседателот трае четири години.
3. Изборот и разрешувањето на Потпретседателот се врши со тајно гласање.
4. За својата работа, Потпретседателите одговараат пред Националниот Комитет, пред Претседателот на партијата и пред Управувачкиот Комитет.
5. Потпретседателите се членови на Управувачкиот Комитет.

Член 41

Потпретседателите вршат работа од делокругот на Претседателот на партијата што тој ке им ја довери со посебно овластување.

5.6. Секретар на партијата

Член 42

1. На предлог на Претседателот на партијата, Националниот Комитет со мнозинство гласови од вкупниот број членови, избира и разрешува Секретар.
2. Изборот и разрешувањето на Секретарот се врши со тајно гласање.
3. Мандатот на Секретарот трае четири години.
4. За својата работа, Секретарот одговара пред Националниот Комитет, пред Претседателот на партијата и Управувачкиот Комитет,
5. Секретарот е член на Управувачкиот Комитет.

Член 43

1. На предлог на Секретарот,Националниот Комитет назначува и разрешува Потсекретари кои вршат работи од надлежност на Секретарот, кои тој ќе им ги довери со посебни упатства.
2. Потсекретарите за својата работа одговараат пред Секретарот на партијата и пред Управувачкиот Комитет.

Член 44

1. Секретарот на партијата:
– Учествува во работата на Националниот и Управувачкиот Комитет;
– Ја води и организира архивската евиденција и документација на партијата;
– Го организира подготвувањето на седниците на Националниот Комитет, Управувачкиот Комитет, Годишното Собрание и други седници на органите на партијата;
– Ја следи и координира работата на Општинските Комитети и Градскиот Комитет-Скопје;
– Го евидентира и следи извршувањето на оперативно-политичките ставови, одлуките и заклучоците на органите и телата на партијата;
– Ја организира административната подготовка на Конгресот.
– Врши други работи што ќе ги добие како задачи од Претседателот на партијата, Националниот Комитет и Управувачкиот Комитет.

5.7. Статутарната комисија

Член 45

1. Статутарна Комисија ја избира Конгресот на предлог на Претседателот на Партијата.
2. Статутарната Комисија го изработува Статутот и врши толкување на неговите одредби.
3. Статутарната Комисија се состои од: претседател, и четири членови.
4. Мандатот на Статутарната Комисија трае 4 години
5. Статутарната Комисија донесува Деловник за својата работа.

5.8. Надзорен Комитет на партијата

Член 46

1. На предлог на Претседателот на партијата, Конгресот избира Надзорен Комитет.
2. Надзорниот комитет се состои од претседател и двајца членови.
3. Мандатот на членовите на надзорната комисија трае 4 години.
4. Надзорниот комитет донесува Деловник за работа.

Член 47

1. Надзорниот комитет е највисок контролен орган на партијата.
2. Должноста член на Надзорниот Комитет е неспоива со должностите претседател на партијата, потпретседател на партијата, член на Националниот комитет, на Управувачкиот комитет како и претседател, потпретседател и секретар на месна организација и Општински и Градски Клуб

Член 48

1. Надзорниот комитет ги остварува следните права и должности:
– Врши контрола врз спроведувањето на Статутот и другите акти на партијата;
– Го контролира спроведувањето на актите на Конгресот, Националниот Комитет, Управувачкиот Комитет и Претседателот на партијата;
– Остварува контрола и поднесува извештај за стекнувањето, користењето и располагањето со средствата на партијата;
– Врши вонредна контрола по барање на Конгресот, Националниот Комитет, Управувачкиот Комитет;
– Донесува Деловник за работа;
-Остварува и други права, должности и одговорности што се утврдени со Закон.

Член 49

1. Должноста на членот на Надзорниот комитет може да му престане:
– Доколку поради неактивност или несоодветно вршење на доверените права и должности биде разрешен пред истекот на неговиот мандат.
– Доколку поднесе оставка;
– Во случај на смрт;
(2) Предлог за разрешување член на Надзорниот комитет може да поднесат:
– најмалку 1/3 од вкупниот број делегати на Конгресот;
– најмалку 1/3 од вкупниот број членови на Националниот комитет;
– Надзорниот комитет;
– Претседателот на партијата;
– Управувачкиот Комитет.

6. ИЗБРАНИ ПРЕТСТАВНИЦИ ВО СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА И ВО СОВЕТИТЕ НА ОПШТИНИТЕ И НА ГРАДОТ СКОПЈЕ

6.1. Пратеничка група

Член 50

1. Пратениците на ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА во Собранието на Република Македонија, претставуваат пратеничка група на Партијата.
2. Пратеничката група е должна своето дејствување и настапи во Собранието на Република Македонија да ги врши во согласност со Статутот на партијата, за таа цел е должна да врши координации со органите на партијата.
3. Работата на пратеничката група и изборот на координатор и негов заменик се регулира со посебен Деловник за работа.
————————————————–
6.2. Советнички групи

Член 51

1. Советниците на ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА во советите на општините и на Град Скопје претставуваат советнички групи на Партијата.
2. Советничките групи се должни своето дејствување во советите да го вршат во согласност со Статутот на партијата и за таа цел вршат координации со Општинските Клубови, односно со Градскиот Клубови и со органите на партијата.
3. Работата на советничките групи и изборот на координатор и негов заменик се регулира со посебен деловник за работа.
———————————

Член 52

1. Партијата основа Младинска организација.
2. Одлука за основање на Младинската организација донесува Националниот Комитет на партијата.
3. Името на Младинската организација е:_____________________

Член 53

1. Младинската организација делува врз основа на политичките насоки определени од програмата и Статутот на партијата.
2. Младинската организација донесува Деловник и други акти со кои се уредува организационата поставеност и начинот на делување.
3. Деловникот на Младинската организација го потврдува Националниот Комитет на партијата .
4. Младинската организација за својата работа одговара пред Националниот Комитет, Претседателот на партијата и Управувачкиот Комитет.

8. ОРГАНИЗАЦИЈА НА ЖЕНИТЕ

Член 54

1. Партијата основа Организација на жените, членови на партијата.
2. Одлука за основање на Организација на жените донесува Управувачкиот Комитет на партијата.
3. Името на Организацијата е:_____________________

Член 55

1. Организацијата на жените делува врз основа на политичките насоки определени од програмата и Статутот на партијата.
2. Организацијата на жените донесува Деловник и други акти со кои се уредува организационата поставеност и начинот на делување.
3. Деловникот на Организацијата на жените го потврдува Националниот Комитет на партијата.
4. Организацијата на жените за својата работа одговара пред Националниот Комитет, Претседателот на партијата и Управувачкиот Комитет.

Член 56

Партијата може да основа и останати организациии, форуми или асоцијации, за што одлука донесува Националниот Комитет на партијата.
Начинот на организирање и делување на организациите, форумите и асоцијациите на партијата се уредуваат со посебни деловници.

9. ФИНАНСИРАЊЕ

Член 57

1. Средства за дејствување партијата обезбедува од чланарина, прилози, кредити, подароци, донации, легати и дотации од буџетот на Република Македонија во согласност со Законот за политички партии, како и другите финансиски прописи.
2. За време на одржување на изборите, средства од поединечните подароци, прилози и донации од правните и физичките лица, според износите предвидени со Законот се издвојуваат на посебна сметка за изборен фонд.

Член 58

1. Изворите на приходите на партијата се јавни.
2. Изворите на финансиските средства и нивните расходи се утврдуваат со годишниот буџет на партијата .
3. За изворите на приходите и расходите на средствата се води книговодствена евиденција.
4. Надзорот на материјално-финансиското работење на партијата го врши Надзорниот комитет.

Член 59

1. Овластени лица за потписници на жиро сметка на партијата се: Претседателот, Потпретседателот и Секретарот на партијата.
2. Претседателот со одлука може да назначи и други потписници на жиро-сметката.
3. Во текот на годината Управувачкиот Комитет може да врши изменување и дополнување на буџетот.

10. ПОСЕБНИ ОДРЕДБИ

Член 60

Во случај на војна, воена опасност или вонредна состојба во државата, кога објективно е невозможна работата на Конгресот, Централниот Комитет и Извршниот Комитет, кога условите бараат итно решавање на одредени прашања од интерес на партијата, нивните надлежности ги зема Претседателот на партијата.

11. ПРЕСТАНОК НА ПАРТИЈАТА

Член 61

1. Партијата престанува со работа:
– Доколку бројот на членови ќе се намали под законски определениот број за нејзино постоење;
– Доколку настапи законски основ за престанок на работата на партијата утврден од надлежен суд, односно од Уставниот суд на Република Македонија.
– Доколку Конгресот на партијата донесе одлука за нејзин престанок.

Член 62

Во случај на престанок со дејствување на партијата, нејзиниот имот преминува во сопственост на ДОМОТ НА ДЕЦА БЕЗ РОДИТЕЛИ 11-ТИ ОКОТОМВРИ од Скопје.

12. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 63

Прашањата што не се уредени со овој Статут, Националниот Комитет ќе ги регулира со посебни акти и одлуки, во согласност со Уставот, законите и овој Статут.

Член 64

Органите на партијата ќе ги донесат актите утврдени со овој Статут во рок од шест месеци од денот на неговото влегување во сила, вклучувајќи ја и постапката и начинот на функционирање на потенцијални фракционерски иницијатива заради утврдување на фер пристап и користење на партиската инфраструктура и средства.

Член 65

Предлог за изменување и дополнување на Статутот на ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА може да поднесат : Националниот Комитет, Претседателот на партијата, Управувачкиот Комитет и Статутарната Комисија.

Член 66

1. До конституирање на Националниот Комитет и изборот на Управувачкиот Комитет, активностите на ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКАТА УНИЈА ќе ги координира основачкиот одбор на партијата, односно претседателот на основачкиот одбор.
2. Рокот за конституирање на Националниот Комитет не може да биде подолг од 12 месеци од денот на влегување на сила на овој Статут.

Член 67

Претседателот избран на основачкото собрание на партијата, има рок не повеќе од три месеци да состави Управувачки Комитет и да предложи именување на потпретседател(и) и секретар до членовите на Управувачкиот Комитет.

Член 68

Овој Статут стапува на сила на неговото донесување на основачкото собрание конгресот на партијата.

ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА
ПРЕТСЕДАТЕЛ
Петар Колев