Основни начела

“Да биде Македонија навистина Република”

Граѓанско Демократската Унија
добронамерно ве предизвикува Вас, нашите сограѓани, да ни се придружите со критики, идеи и сугестии,доколку сте подготвени да ја ограничите државата, а не поединецот, тогаш сте повеќе од добредојдени

ПРЕАМБУЛА

Во духот на најдоброто од демократските традиции кои ни се ставени на располагање преку теоретското, политичкото и цивилизациското наследство, Граѓанско Демократската Унија ги прифаќа како очигледни вистини индивидуалните права на поединецот како единствен и бескомпромисен модел преку кој е можно постигнување на општество во кое секој поединец ќе може да го реализира својот целосен потенцијал за просперитет и благосостојба.
Затоа, ние го браниме правото на секој поединец да презема активности на чесен начин и во добра воља во рамките на различностите кои само слободното општество може да ги има.
Нашата цел не е власта сама по себе, нашата цел е фундаментална промена на општеството кое го разбираме како заедница на слободни и одговорни индивидуи кои се суверени и еднакви пред Уставот и Законите на Република Македонија.

За репрезентативна и функционална претставничка демократија

Само така може да се зборува дали еден политички систем е демократски или не. Затоа, ГДУ ќе инсистира на промена на постојниот изборен модел со Пропорционален модел со отворени листи, при што, територијата на Република Македонија ќе претставува една изборна единица.( Овој изборен систем е застапен во 20 земји-членки од Европската Унија – од вкупно 28.- Седумнаесет од овие држави го користат пропорционалниот изборен модел и имаат воведено отворени листи)
Оваа наша заложба произлегува од досегашното искуство во земјава, тоа искуство е во голема мера горчливо. Политичките партии се претворени во систем сам за себе и како такви ги имаат максимално компромитирано политичките институции на државата. Тие немаат одговорност пред граѓаните кои се суверени, туку само пред кликата од која зависат. Граѓаните како носители на суверенитетот, мора да си го вратат правото на одлучување како на локално, така и на национално ниво.
Ова за нас претставува фундаментален чекор – слободата, правата и одговорноста се неделиви. Само во такви услови, политичкиот избор кој се нуди може да реализира сериозни реформи, да создава добри и квалитетни закони заради унапредување на политичките, стопанските,културните и другите активности на граѓаните како поединци и како заедница.
Веруваме дека отворените кандидатски листи ке го изразат демократскиот диверзитет кој е темелот на индивидуалното политичко изразување во една земја која се претставува себе си за претставничка демократија.
Само во такви услови веруваме дека е можно да создадеме правна држава во која владеењето на правото ќе биде функционален принцип, а не флоскула.

Правна држава и правна сигурност

Демократија, еднаквост и почитување за човековите права и за владеењето на правото се помеѓу основните вредности на кои е основана Европската унија. Токму затоа и строгото почитување и спроведување на овие вредности е суштинско за земјата кандидат.
За жал, состојбата кај нас не го отсликува принципот на поделба и контрола на формите на власт, законодавна, извршна и судска. Напротив, очигледната кооперативност доведе до корумпираност меѓу нив, која неповратно ги комромитираше пред граѓанинот. Резултатите од таквата “соработка” се и повеќе од очигледни.
Принципот на партиократијата и власта, во нашево искуство, без оглед на нашите уставни или законски права,во континуитет се доведувани во прашање или отворено дискредитирани и кршени.
Очигледно, таквата состојба генерира неодговорни и клиентилистички настроени врски, особено меѓу оние кои се платени и ја земале обврската да ги штитат тие права и слободи. Таа состојба е најочигледна токму кај оние кои треба да го застапуваат граѓанинот во рамките на загарантираната уставна заштита , а тоа е пред правосудните органи чиј морален и професионален интегритет е сериозно доведен под сомнеж на јавноста.
Затоа ГДУ се залага за неодложна кодификација на правниот систем во земјава за да се анулира догматскиот пристап во оваа сфера кој е на терет на граѓанинот.
Судската пракса во Република Македонија е обременета со низа пропусти и недоследности. Судиите во кривичната постапка се уште се јавуваат во улога на „заштитници“ на државата, игнорирајки го законскиот постулат на „еднаквост на оружјата“ на странките во постапката.
Парламент кој е навистина репрезент на политичката воља на граѓаните, мора да пристапи кон уставни измени во поглед на изборот на судиите, нивниот мандат, воспоставување на специјализирано судство во сите области и олеснување на начините преку кои граѓаните непосредно се стремат да остварат одредени политички права . Неопходно е пресудите на Европскиот суд за човекови права (Стразбур) да станат задолжителен извор на правото во Република Македонија.
Без таков пакет на мерки, резултатот е евидентен. Правдата во Македонија е ретко достижна, а ако е достижна е премногу скапа.

Јавните финансии, приватниот сектор и конкурентноста

Корумпиран и дискредитиран систем не е во состојба да создава материјални вредности.
Без материјални вредности ниедно општество не може да очекува дека ќе развива квалитетно јавно образование, здравство, дека ке инвестира во науката, животната средина.
Врската меѓу власта и деловната сфера во Македонија одамна не е врска ,туку симбиотски однос кој ја исклучува конкурентноста како основен предуслов за развој и напредок.
Ние веруваме во силата на пазарот, слободната конкуренција и фер правила во економските односи.
Развојна економска политика
Состојбата која може да се опише како “Богата Влада, сиромашни граѓани” мора да престане веднаш. Бидејќи Влад(и)те континуирано преземаат краткорочни,често и популистички економски мерки кои на краток и долг рок ги осиромашуваат граѓаните и ги нарушуваат основните принципи на фер конкуренција, ГДУ се залага за следниве мерки како неопходни услови за консолидација на економскиот сектор:
-формирање на фискален совет
– намалување на вкупните зафаќања од бруто платата, по основ на даноци и придонеси
– намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се само товар за граѓаните (во оваа година е предвидено да се реализираат 17.201 милиони денари по тој основ )
– Распределбата на приходите од персоналниот данок треба да бидат во однос 50:50 меѓу Централниот буџет, и локалните власти.
– Законски ограничувања со кои владата нема да може да ја избегува реализацијата на капиталните инвестиции
– Радикална рационализација на јавната администрација, нејзина професионализација (Администрацијата е гломазна, нестручна и неефикасна. Во неа се регрутираат партиски кадри, врз основа на “споилс“ системот, наместо врз “мерит“ критериумите.) и укинување на разно разните уредби, правилници, и акти со кои се обременуваат малите стопанственици.
– Предвидливост, постојаност и транспарентност во јавните финансии

Образование, јавно здравство и социјална заштита

Ова е “светото тројство” меѓу измамите во земјава. Овде е се, и ништо не е бесплатно.
Образование
Стотиците “државни советници, просветни инспектори, секретари, вечните експерти” можат да одат секоја сабота на ‘’ семинари и работилници” можат да потпишат уште стотина меморандуми за соработка, рамковни конвенции, заложби за реформи, па сепак, ниту оддалеку нема да се приближат до оние кои се директно вклучени во сите нивоа на образованието: родителите, децата и просветните работници.
Реформите во образованието мора да почнат со реформи во самото Министерство за образование и наука и Бирото за развој на образованието. Наставните содржини и наставните планови во голема мера се злоупотребуваат поради материјален интерес на мал круг на лица кои со години “предлагаат реформи” издаваат или рецензираат “учебници, наставни помагала, испитни програми,прирачници и сл
Во услови кога најповиканите институции со години наназад се покажуваат главно како попречувачи на образовниот процес, ГДУ се залага за јакнење на улогата на просветните работници и родителите, особено во рамките на основното образование(потребна е посериозна анализа за ефектите од воведувањето на деветолетката) и вклучување во училишните активности на што поголем број ученици од средните училишта. (Буџетот на МОН за оваа година е 4.139.248 денари)
Укинување на одредени предмети и во основното и во средното образование, намалување на бројот на ученици во одделенските и класните паралелки, како и намалување на бројот на часови. Секоја образовна стратегија која за цел не си поставува на крајот на тој процес да добие млади луѓе со свест за својата посебност, индивидуалност и потенцијал за понатамошен интелектуален или деловен развој, останува само на статистичко набројување на училишта, паралелки, број на вработени, и сл.
ГДУ се залага за законско право на родителите да можат да ги образуваат своите деца во домашни услови, обврската на МОН треба да биде насочена единствено кон воспоставување унифициран испитен тест и материјал. Истиот мора да биде задолжителен како за јавните,така и за средните училишта во приватна сопственост.
Во високото образование, владата треба да биде законски оневозможена да ја нарушува автономијата на универитетот.Истовремено, управните органи на универзитетот, на сите нивоа, мора да научат да соработуваат со сопствените студенти, за сметка на досегашниот флерт со владиниот естаблишмент. Академската слобода започнува на самиот универзитет.
Јавен Здравствен систем
Не го доведуваме под прашање фактот дека здравјето на граѓаните во Република Македонија претставува општествен интерес. Го оспоруваме системот кој треба да се грижи за тој интерес.
Состојбата во јавното здравство е заробена меѓу желбата за профит, потребите на пациентите и приоритетите во инвестициите во јавните здравствени установи.
Профитот не е забранет, но е забрането да се профитира од јавните средства кои им се доверени пред се на министерот,а потоа и на директорот на Фондот за здравство.
Ние, како што истакнавме на почетокот, сме согласни за формата на солидарност која на секој граѓанин му овозможува навремена, достоинствена и професионална здравствена заштита без оглед на социјалниот статус. Но, не сме согласни таквиот солидарен систем да претставува непресушен извор на профит за поединци од приватниот сектор, за сметка на јавниот кој е финансиски поддржан од сите даночни обврзници.
Не постои во оваа специфична област приватен сектор кој може да се натпреварува со јавниот, во поглед на човечките ресурси, мобилноста, достапноста до популацијата, усовршувањето и сл. На крајот на краиштата, одржувањето на таквата комплексна мрежа е на терет на сите нас.
Ова е една од ретките области од јавниот сектор каде што може да биде понуден системот на градација на услугите согласно можностите, потребите, па и желбите на осигуреникот.
Таквата солуција во голема мера ги анулира можностите за корупција низ сите пори на системот, а истовремено му овозможува на приватниот сектор да остварува профит низ разни облици на соработка со јавниот здравствен систем.
Осигуреникот( по било кој основ) ќе биде сигурен дека има на располагање квалитетни здравствени услуги независно од тоа дали се од солидарна или комерцијална природа.
Кога профитот се остварува по повластени услови, се нарекува поинаку. Особено што ние граѓаните сме се согласиле однапред да платиме услуги кои можеби индивидуално никогаш нема да ги искористиме.

Наместо заклучоци

Забележувате, не зборуваме за медиумите, за културата, за животната средина, за земјоделството како економска гранка, па и за “евроатлантските” процеси и уште дузина други предизвици кои стојат пред секој од нас, денеска во 21 век.
Тоа не се должи на фактот дека ние во Граѓанско Демократската Унија немаме став, немаме мислење по тие, а и други прашања. Напротив, тоа е само поради комплексната состојба во која се наоѓа нашата земја и нашата намера да не “нудиме месијански решенија”.
Нашата мисија е да го “разголиме” клиентилистичкиот начин на управување во Република Македонија. Нашата мисија е да го “прогониме етносот, на место на демосот”,нашата цел е,пак, да го вратиме поединецот за сметка на колективитетот од насловните страници.
Нашето дејствување ке биде бескомпромисно во насока на целосна заштита на секој еден меѓу нас како единствен и рамноправен граѓанин на Република Македонија. Актуелниот политички естаблишмент распослан низ сите облици на власта го има компромитирано безмалку секој аспект од нашето секојдневие.
Ние, како граѓани, имаме обврска да им соопштиме дека нивната “приватна забава” е завршена. Ние, граѓаните сме решени, Македонија да биде Република.

со почит Скопје
Граѓанско Демократска Унија 18-март,2018 година