Писмо до неопределениот гласач

ДВОЧАСОВНОТО ШОУ НА КАРАЏОВСКИ ПОКАЖА ДЕКА СИТУАЦИЈАТА НЕ Е ПОД КОНТРОЛА
9 јуни 2020
ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА – изборна платформа 2020 – 2024
2 јули 2020

Почитуван неопределен гласачу,

Знам дека како резултат на 30 годишното “играње држава” од двете самонаречени “големи партии” воопшто не ти е ќејф да излезеш и да гласаш на претстојните парламентарни избори.

Го разбирам и моментот дека мотивацијата за гласање во време на пандемијата со Корона-вирусот е веројатно на најниско можно ниво.

Свесен сум и дека преку глава ти е од ниското ниво на политичка дебата, ниските стандарди за политики (и политички лидери) и би се осмелил да кажам, многу глупавите политички понуди кои досега се нудеа во нашата земја!

Но исто така сум сигурен дека за тебе најважна работа на светот е твоето семејство и твоите деца… и дека секогаш си спремен да дејствуваш во насока да обезбедиш подобра иднина за нив. Знам дека и ти силно сакаш да направиме промена на системот кој функционира досега во нашата држава и да изградиме институции кои во центарот ќе го стават Граѓанинот, а не политичкиот естаблишмент.

Ние сметаме дека е време за нови лица во политиката и нови политики кои ќе гледаат долгорочно и суштински на развојот! Дека образованието и здравството треба да се стават на пиедесталот на приоритетите и дека конечно правдата треба да почне да ги гони и санкционира криминалците и мафијата, а не да прави коалиции и тргувања со нив.

Јас, Петар Колев и сите ние во Граѓанско Демокраската Унија (ГДУ) сме силно решени да афирмираме теми кои се суштински важни за нашето општество, да промовираме не само подобрување, туку целосен ресет на системот. Ние ќе дејствуваме за да ја ре-изградиме нашата држава на здрави основи во република со која ќе може да се гордееме и во која ќе ја гледаме иднината на нашите деца. Тука сме да поставиме високи стандарди за политичка култура и однесување и да кажеме јасно дека НЕ ПРИФАЌАМЕ КОМПРОМИСИ СО ЛОШИ ПОЛИТИКИ.

Стоиме на ставот дека институциите треба да бидат водени од професионалци. Најважните одлуки и развојни планови за државата да ги носат експерти во своите области – а не политички полтрони како досега. За некои области, на пример судството, знаеме дека треба да побараме експертска помош од странство, зошто тука корупцијата го достигнува својот зенит.

Ако не’ подржиш, излезеш на гласање и твојот глас го дадеш за ГДУ, и ТИ лично ќе можеш ГЛАСНО да ја испратиш пораката дека време е за суштинско менување на системот во Македонија!

Со гласот за ГДУ, ќе испратиш порака и до двете самонаречени големи партии, двата “надуени балона”, дека нивното време заврши и нивната работа од граѓаните добива оценка 0.

Приклучи ни се во нашата мисија – овие ставови и вредности да ги однесеме во парламентот и оттаму да продолжиме да бидеме погласни и инстутиционално влијателни. Да ја вратиме сите заедно моќта на поединецот, на вредните граѓани, оние кои чесно заработуваат и живеат, на луѓето кои искрено ЈА САКААТ МАКЕДОНИЈА, луѓето кои сакаат да бидат горди што се дел од оваа земја….на реални, автентични, модерни патриоти кои сакаат здрава република и систем во функција на граѓанинот.

Ова не им одговара на оние што досега го УНИШТУВАА системот заради лична корист.  Знаејќи како функционираат овие наши противници, секако дека очекуваме веднаш да не нападнат со нивните пропагандни машинерии и да ни залепат разно-разни етикети. Најверојатно прва од нив ќе биде дека сме “бугарофили”, злоупотребувајќи го фактот што јас сум студирал, живеел и работел во Софија. Вистината е дека ДА, јас сметам дека ние треба да имаме блиски односи со Бугарија, уште поголема соработка на сите полиња, а посебно во економијата, исто како што сметам дека треба да имаме блиска соработка и со Словенија, Грција, Србија, Косово, Хрватска или Албанија. Со сите наши соседи и со сите други земји, на рамноправна основа и заради заеднички интерес!

Верувајте, нема да дозволиме нивните напади да не поколебаат во нашата мисија!

Во оваа рана фаза од развојот на Граѓанско демократската унија, ние точно знаеме кои се нашите цели и кои треба да ни бидат реалните очекувања. Ние не се затрчуваме, ниту се удираме во гради дека ова ќе биде борба што ќе заврши во една рунда.

Ние вредно ќе работиме, ќе се трудиме со нас да ги приклучиме сите паметни луѓе што сакаат да се инволвираат во политика и ќе нудиме идеи и проекти што нема да можат да бидат игнорирани. Можеме и мораме да поставуваме повисоки критериуми во нашето општество и во сите нејзини пори. Ова се први парламентарни избори на кои ГДУ ќе учествува и ветуваме дека ќе бидеме најдобар пример за тоа како треба да изгледа и функционира една политичка партија.

Луѓето што застанаа рамо до рамо со нас на овие парламентарни избори се и носителите: Ана Глигорова во ИЕ 1 –  беспоштеден борец против извршителите и правосудната мафија, Енсер Јусуфоски во ИЕ 2, Јас, Петар Колев во ИЕ 3, Добре Митрев во ИЕ 4 и Даниел Јорданоски во ИЕ 5.

Како автентични либертаријанци, НИЕ ќе бидеме ежињата кои ќе им се спротистават на змиите! Ќе ја предводиме  борбата на Граѓанинот против мафијата!

Биди и ти еже што има став….и нема страв !

 

Ваш,
Петар Колев
Граѓанско демократска унија/ GDU.org.mk