Пир за време на чума се избори во јуни или јули

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА, НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА! ЗА МНОГУ ГОДИНИ!
19 април 2020
ПОПОСКИ: НЕ Е ВРЕМЕ ЗА ПОЛИТИЧКИ ИГРИ И КАЛКУЛАЦИИ
27 април 2020

Оваа година за Велигден црквите останаа празни, за Рамазан Бајрам се очекува џамиите да останат празни, тогаш се поставува основното прашање дали некој не подготвува пир за време на чума?

Најголемата придобивка на човештвото како општествено уредување е демократијата и покрај сите свои недостатоци. Директната демократија, изборите, се празникот на оваа општествена придобивка. На тој ден, граѓаните решаваат во следните четири години кој, како и зошто ќе ги претставува во Законодавниот дом.

Додавајќи го и фактот дека приватниот сектор се наоѓа во тешка ситуација, останува уште еден месец тотално да не функционираат институциите по време на кампања и избори и дефинитивно да го дотолчиме.
Како ќе му дадеме сигурност и предвидливост на приватниот сектор кој се потпира на мерки од Владата, ако во јули веќе имаме нов Парламент, а од таму и нова Влада која сето ова може да го ревидира?

Дали целта е да потрошиме неколку милиони евра, да создадеме атмосфера во која само партиските јуришници ќе излезат на гласање по список, обврзани за своите работни места во администрацијата, бидејќи сме сигурни дека ако има и еден позитивен на Ковид- 19 граѓаните ќе се плашат да излезат на гласање?
Како ќе функционираат изборните комисии, ДИК и сите останати институции инволвирани во процесот?

Што се случува со Избирачкиот список, со новите гласачи наши сограѓани, кои во меѓувреме добиле избирачко право со навршување на полнолетство, но и оние кои за жал веќе починале и треба да бидат избришани?

До јуни или јули веќе неколку месеци ќе се поминати од поднесувањето на кандидатски листи, за жал можно е некој од стотиците кандидати за пратеници да е починат, што со тие листи?

Ова се само дел од аргументите, има уште многу според кои за нас од ГДУ одржување на избори во јуни или јули е класичен пир за време на чума.

Логично, очекувано, одговорно и пред се државнички чин е консензуално изборите да се случат после нормализирањето на ситуацијата целосно, после стабилизирањето на општеството, особено во сферата на здравството, образованието, безбедносниот сектор и се разбира јасна исцртана линија за рехабилитација на приватниот сектор.

Свикување на веќе распуштеното Собрание со скриена цел да се посочи нов датум за избори и да продолжи изборниот процес каде што беше прекинат, како и да се прават нови политички комбинаторики за реконструкција на Владата и слични политички игри, сметаме дека ниту е време ниту е приоритет пред нашето општество.
Сега повеќе од секогаш е потребно единство, јасна волја и многу работа, за што е можно побрзо да ја надминеме оваа ситуација.

Секое друго решение за нас е крајно неодговорно и има скриени и нечесни намери кои имаат за цел да го попречат процесот на фер и демократски избори.