ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА – изборна платформа 2020 – 2024

Писмо до неопределениот гласач
25 јуни 2020

Превземи во PDF

ГРАЃАНСКО ДЕМОКРАТСКА УНИЈА

 изборна платформа 2020 – 2024

 поинаку е подобро

 слободни луѓе за слободно општество

 

Почитувани сонародници, сограѓани и пријатели. Пред Вас е Изборната Платформа на Граѓанско Демократската Унија која барем според нас, ја претставува есенцијата на нашата политичка филозофијаи потребата од неопходните реформи кои и се повеќе од потребни на Македонија

Доколку очекувате да најдете реченици од типот – комјутер за секој ученик, нега за секој пациент, канализација до секој дом – ќе останете разочарани. Тоа овде нема да го пронајдете. Фактот дека некои во 2020 година сеуште зборуваат за овие нешта како за „проекти“ не значи ништо друго, освен дека досега не си ја вршеле работата најдобро. На овие избори по Вашата доверба ќе тргнат добро познатите „Kоалиции“ со по повеќе од дваесет „партии“ и „лидери“, неисцрпни финансиски и материјални средства, богато надградени со ветувања дека утре ќе биде подобро токму со нив.

Цврсто сум уверен дека демократските вредности најсилно ги бранат само слободни поединци кои слободата ја разбираат како основно политичко средство за да како поединци се формираме како заедница, нација и граѓани.

Како земја и како народ, предолго и премногу ја плаќаме сметката поради кусогледоста,неодговорноста и алчноста на неколкумина. Имаме можност ние, граѓаните, да си ја вратиме државата назад , задржувајќи го правото да си ја сакаме земјата, а да бидеме сомничави кон власта.

Со почит,Петар Колев Претседател на Граѓанско демократската Унија

 

Политички реформи

Граѓанско Демократската Унија ги прифаќа како очигледни вистини индивидуалните права на поединецот како единствен и бескомпромисен модел преку кој е можно постигнување на општество во кое секој поединец ќе може да го реализира својот целосен потенцијал за просперитет и благосостојба.

Затоа, ние го браниме правото на секој поединец да презема активности на чесен начин и во добра волја во рамките на различностите кои само во слободно општество може да ги има.

Нашата цел не е власта сама по себе, нашата цел е фундаментална промена на општеството кое го разбираме како заедница на слободни и одговорни индивидуи кои се суверени и еднакви пред Уставот и Законите на Република Македонија.

 

 

Реформи на Изборното Законодавство

Тие се во две насоки. Прво, Македонија да добие функционален и репрезентативен законодавен дом кој почива не само на легалност и легитимитет, туку и на општо прифатено уверување дека има и морален капацитет за носење закони.

Второ, отворените листи во една Изборна Единица во голема мера ќе придонесат за демократизација на политичките партии во Македонија,а веруваме дека ќе ја поттикнат конкуренцијата во нив и конечно партиите ќе профункционираат како дел од политичката јавност, а не како тајни и затворени здруженија.

Постојните изборни модели за избор на пратеници и советници овозможува отворена акумулација на моќ и влијание која е во спротивност со основното демократско начело, еден човек еден глас.Како резултат на ова, се добиваат избрани и именувани носители на јавни функции без гласачки легитимитет и одговорност пред избирачите.

Затоа Граѓанско Демократската Унија во својот нацрт документ за Изборните Модели предвидува изборен цензус. Цензусот е прогресивен. Тоа значи дека цензусот за еден политички субјект е помал од цензусот потребен за коалиција од две партии.

Цензусот за коалиција од три или повеќе партии пак е повисок од оној за две. Исто така, Граѓанско Демократската Унија се залага кандидатите кои доаѓаат од Граѓански,Независни листи, да се квалификуваат без цензус.

Целосна професионализација на Државната Изборна Комисија. Под ова подразбираме :

  • Граѓаните сами се регистрираат во Избирачкиот список тогаш кога имаат намера да учествуваат во изборниот процес.
  • Државната Изборна Комисија преку Општинските изборни комисии ги регистрира оние граѓани кои се оневозможени тоа да го сторат самите (немоќни, во болница и сл.
  • Лицата кои се на издржување на казна во Казнено поправните домови, немаат право да гласаат.

Конечно, за вистински тест на довербата или недовербата кон политичките партии, гласачкото ливче треба да содржи и можност на гласачот да заокружи -Ниту еден од наведените.

Значајна политичка реформа за Граѓанско Демократската Унија е намалувањето на бројот на пратениците во Собранието на Република Македонија на 90 членови. Овој процес истовремено мора да биде следен и со намалувањето на членовите на општинските совети и како и на град Скопје. Од финансиска гледна точка,сегашниот состав на Собранието не чини безмалку 10 милиони евра годишно. Во таа насока,Граѓанско Демократската Унија ги има како приоритет следниве промени:

Уставот на Република Македонија Изборниот Законик во целина

Собрание со 90 членови

Една Изборна единица и Отворени Листи

Законот за Локална Самоуправа

Намалување на членовите на Општинските Совети и на Советот на Град Скопје

Законот за Државна Изборна Комисија

Професионална Државна Изборна Комисија

временска рамка од една до три години

Во овие рамки, секако е неопходна измена и рационализација на Владата, бројот на министерства и агенциите и органите во нејзин состав. Неприфатливо е овие институции да претставуваат „засолништво” за оној кој ја формира Владата, се „раздолжува“ кон своите полититички и деловни соработници. Затоа, разумен временски рок за овие измени би бил дванаесет месеци од конституирањето на новиот парламентарен состав за да се донесат овие измени.

Правна држава и правна сигурност

Демократија, еднаквост и почитување за човековите права и за владеењето на правото се помеѓу основните вредности на кои е основана Европската унија. Токму затоа и строгото почитување и спроведување на овие вредности е суштинско за земјата кандидат.

За жал, состојбата кај нас не го отсликува принципот на поделба и контрола на формите на власт, законодавна, извршна и судска. Напротив, очигледната кооперативност доведе до корумпираност меѓу нив, која неповратно ги комромитираше пред граѓанинот. Резултатите од таквата “соработка” се и повеќе од очигледни.

Принципот на партиократијата и власта, во нашево искуство, без оглед на нашите уставни или законски права,во континуитет се доведувани во прашање или отворено дискредитирани и кршени.

Очигледно, таквата состојба генерира неодговорни и клиентилистички настроени врски, особено меѓу оние кои се платени и ја земале обврската да ги штитат тие права и слободи. Таа состојба е најочигледна токму кај оние кои треба да го застапуваат граѓанинот во рамките на загарантираната уставна заштита , а тоа е пред правосудните органи чиј морален и професионален интегритет е сериозно доведен под сомнеж на јавноста.

Затоа ГДУ се залага за неодложна кодификација на правниот систем во земјава за да се анулира догматскиот пристап во оваа сфера кој е на терет на граѓанинот.

Судската пракса во Република Македонија е обременета со низа пропусти и недоследности. Судиите во кривичната постапка се уште се јавуваат во улога на „заштитници“ на државата, игнорирајки го законскиот постулат на „еднаквост на оружјата“ на странките во постапката.

Парламент кој е навистина репрезент на политичката волја на граѓаните, мора да пристапи кон уставни измени во поглед на изборот на судиите, нивниот мандат, воспоставување на специјализирано судство во сите области и олеснување на начините преку кои граѓаните непосредно се стремат да остварат одредени политички права .

Неопходно е пресудите на Европскиот суд за човекови права (Стразбур) да станат задолжителен извор на правото во Република Македонија. (Тужбата што неодамна група граѓани ја добија во Стразбур поради сметките за парно греење најдобро ја отсликува застрашувачката бесмисленост на домашните судии)

Без таков пакет на мерки, резултатот е евидентен. Правдата во Македонија е ретко достижна, а ако е достижна е премногу скапа.

Во таа насока, Граѓанско Демократската Унија ќе иницира промени во Кривичниот Закон за да се санционира таквото поведение а кое се однесува на работењето на судиите, обвинителите, правните застапници и останатите службеници на Судот. Сосема логично докажувањето на вина да резултира не само со соодветна казна, туку и со трајна забрана за вршење дејност и губење на пензијата а која се однесува на уплатените придонеси по основ на професионалното ангажирање.

Граѓанско Демократската Унија има намера да иницира целосна трансформација на Министерството за Правда (видете ја веб страницата на Министерството што тие подразбираат под мисија и визија?) и од оваа „Самоуправна Интерсна Заедница“ да се формира навистина Министерство за Правда. Во негова надлежност треба да влезат не само медијаторите, нотарите и извршителите како сега, туку и обвинителите кои во постојната законска регулатива се контролираат самите себе!?

До денеска никој од обвинителството или од Суд не бил исправен пред лицето на правдата (манипулација со сведоци, нарачани обвиненија и пресуди, фалсификување документи и службени исправи) Ова е само дел од објективната состојба која за жал ја нарекуваме -Правна држава и владеење на правото!

Затоа,веруваме дека со искрен и добронамерен пристап, таквиот пакет од законски измени и мерки реално може да се спроведе за осумнаесет месеци, се друго ќе значи обид да задржи постојната состојба.

 

Финансии, Јавна Потрошувачка и Даноци

18% ддв, 10% персонален данок, Здравствено осигурување,Здравствени трошоци, Пензиско осигурување, Данок на возило, Данок на недвижности, Данок на луксуз,Патарини, Фонд за патишта, Регистрација на возило, Фирмарина, Данок на добивка,Акцизи, Трошоци за живот, Трошоци за домување, Образование, Судски и административни такси и трошоци, Уверение за државјанство, Изводи, Потврди, Казни …Но барем нема радиодифузна такса,нели!?

Ова навистина изгледа застрашувачки и обесхрабрувачки. Состојба која може да се опише како “Богата Влада, сиромашни граѓани”. Бидејќи Влад(и)те континуирано преземаат краткорочни,често и популистички економски мерки кои на краток и долг рок ги осиромашуваат граѓаните и ги нарушуваат основните принципи на фер конкуренција.

Корумпиран и дискредитиран систем не е во состојба да создава материјални вредности.

Без материјални вредности ниедно општество не може да очекува дека ќе развива квалитетно јавно образование, здравство, дека ке инвестира во науката, животната средина.

Врската меѓу власта и деловната сфера во Македонија одамна не е врска ,туку симбиотски однос кој ја исклучува конкурентноста како основен предуслов за развој и напредок.

Буџетот секоја година станува се поголем, а јавниот долг незапирливо се зголемува. Владите нормално по правило зборуваат за макро економска стабилност. Системот е конципиран да генерално се потпира на „тендерската економија“ како главен двигател на економскиот развој. Тоа е очекувано поради лостовите за влијание кои се во надлежност на Владата како најголем работодавател и корисник на услуги.

Граѓанско Демократската Унија ќе предложи мерки за поттикнување на конкуренцијата и консолидација на обемот на јавната потрошувачка.ГДУ се залага за следниве мерки како неопходни услови за консолидација на економскиот сектор:

-формирање на фискален совет

  • намалување на вкупните зафаќања од бруто платата, по основ на даноци и придонеси
  • намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се само товар за граѓаните (во оваа година е предвидено да се реализираат 17.201 милиони денари по тој основ ) уште еднаш да проверам
  • Распределбата на приходите од персоналниот данок треба да бидат во однос 50:50 меѓу Централниот буџет, и локалните власти.
  • Законски ограничувања со кои владата нема да може да ја избегува реализацијата на капиталните инвестиции
  • Предвидливост, постојаност и транспарентност во јавните финансии Затоа се клучни политичките реформи, за да се отстранат од системот „паразитските и нефункционални институции“ кои освен што влечат вртоглави износи од буџетот и немаат никакво позитивно влијание во нашето секојдневите, напротив!

 

Образование

Незадоволни родители, незадоволни наставници и професори, незадоволни ученици и студенти! Ќе се согласите, треба напор да се постигне овој ефект.

Па сепак, тој е тука. И оваа Влада, освен помпезни најави за реформи остана да зборува дека учебниците ќе бидат отпечатени до месец мај, дека следната година ќе биде реконструирано она училиште, дека обезбедиле греење,ги зголемиле платите и сл.

Вкупниот буџет за образование за оваа година 26,7 милијарди денари (26.785.938.000) Со овие бројки завршуваат реформите во образованието.

Граѓанско Демократската Унија предлага подготовка на Национална Образовна Стратегија која нема да биде во сопственост на „оваа“ или „онаа“ влада, туку ќе претставува јавно добро.

Имено, без оглед на „ентузијастите“ од секаков калибар, реформите во образованието се спроведуваат и следат со години. Добар дел од современите истражувања им се достапни и познати на бирократите во Министерството за образование, во дел од нив партиципирале македонски научиници кои живеат и работат надвор од земјава. Нерабирливо е еден петтооделенец да има 23 часови во седмицата.

Или осмооделенец 32 часа, без додатни, дополнителни и слободни активности.

Нам еден од приоритетите ни е намалување на часовите во основното и средното образование, следено со намалување на бројот на учениците во една паралелка.

Уверени сме дека се неопходни неодложни промени во насока на автономија на наставниците во поглед на нивниот индивидуален пристап и реализација на наставата.

Исто така, уверени сме дека неодложно е потребно зголемување на платите за наставниците на ниво повисоко од републичкиот просек. Обуките и усовршувањата треба да го напуштат сегашниот концепт на „обуки за се и ништо,“ a тие да бидат адекватни на предметите и наставните програми за кои се квалификувани да ги предаваат.

Процесот на „дебирократизација“ може да почне уште следната учебна година.

Првичните измени треба да ја променат перцепцијата за нашето образование од „морам“ во „сакам“

Без напуштање на овој навистина застарен модел на некакво репетативно знаење, без воведување на современи (иако одамна не се современи) идеи во реализацијата на наставата (почнувајќи од квалитетот на учебниците) автономијата на наставникот и самото училиште, потребите на учениците, без поттикнување на критичко размислување кај учениците, без силна воспитна компонента, емпатија, вредносен систем, македонските факултети може да чекаат уште илјада години да се најдат во првите илјада на Шангајската листа.

Македонските универзитети мора да ја напуштат постојната летаргија. Тие меѓу првите треба да покажат интерес за промена на постојната состојба.

Граѓанско Демократската Унија верува дека во рамките на многу „богатите“ министерства без никаков проблем може да се формираат и работат Научно Истражувачки Центри (многу земји го практикуваат овој модел во некаква форма) потенцијалните производи потоа може да бидат сопственост на самото министерство, да бидат понудени на пазарот, или да бидат интелектуална сопственост на самите автори.

„Утринава ќе сликаме, а подоцна ќе учиме математика и физика“ е концепт кои ги уништува и потенцијално добрите сликари,математичари и физичари.

 

Јавно Здравство

Како и во образованието, повеќе годишната партизација на Јавниот здравствен систем резултираше со појава на една навистина дехуманизирана средина од која безмалку се сите незадоволни. Така добивме Фонд за здравствено осигурување околу кој се „тепаат“ партиите да назначат директор од своите редови. Директори на клиники и болници кои мора да бидат од „нашите“, митото и корупцијата се секојдневие почнувајќи од набавки на лекови, оперативни зафати, добивање на специјализација, унапредување…и сето ова во услови на „бесплатно јавно здравство!?“

Граѓанско Демократската Унија ќе предложи систем со кој:

  • Фондот за Здравствено Осигурување ќе биде сервис во интерес на осигурениците и пациентите, а не „странка во спорот“. Со Фондот нема да се „директорува“ co Фондот ќе се управува со редовен надзор од страна на соодветни органи.
  • Воспоставување на систем со „Задолжителен пакет“ и „Дополнителен пакет“ за секому кому му е потребна здравствена заштита ја добие и знае што добива. Вториот пакет е незадолжителен, во него доплаќа само оној кој сака и дополнителни здравствени услуги.
  • Услугите од двата пакета на пациентот ќе му бидат достапни како во јавните, така и во приватните здравствени институции според системот на референтни цени за здравствените услуги.
  • Неодложни инвестиции во Регионалните Болници, Велес, Штип, Струмица. Битола,Прилеп со цел да се намали јазот меѓу примарните и секундарните здравствени услуги.
  • Локалните власти мораат да почнат да функционираат локално и да преземат одговорност и за здравствената политика на своето подрачје.
  • На Македонија и недостасуваат лекари по општа пракса – Министерството за Здравство мора да понуди атрактивни мерки за да се охрабруваат идните лекари во оваа област.

Овие мерки не се осмелуваме да ги наречеме „реформи“.решенија, или нешто слично. За жал, веруваме дека ова се интервентни мерки со кои нашиот здравствен систем “ќе купи време“ за да се опорави во интерес на општата национална благосостојба. Веруваме дека земјава има капацитет да воспостави рамнотежа меѓу профитот и јавниот интерес.

 

Економија и Зелена Индустрија за здрава животна средина

 Ако си толку паметен,зошто не си богат? Ако си толку богат,зошто не си паметен? Лери Самерс

 

Белизе, оф-шор фирми во сопственост на вицепремиери, Ексико, Панама, Скопје 2014, Трговија со електрична енергија, Рекет, а Часовникот го нема?!

Правата на работа и заработувачка се во голема мера нарушени поради „клиентилистички“ и „тендерски“ интервенции на пазарот и во законската регулатива.

По правило властите преку своите институции и регулаторни тела, во услови на правна несигурност, избегнуваат да се „конфронтираат“ со „големите играчи“ без оглед на видот на услугите кои ги даваат (банки, нафтени и енергетски компании, големи производители, градежни компании и сл) Вистина е дека системот функционира кога се во прашање малите производители и даватели на услуги. Ова дирекно влијае на конкурентноста и иновативноста во приватниот сектор. Дури и во основа добрите намери со Фондот за Иновации, неможеа да поминат без скандализирање во поглед на добитници на средствата од страна на поединци и компании блиски на, или во сопственост на високи државни функционери.

Од друга страна, куповната моќ на граѓаните секојдневно се намалува без оглед на сите стимулативни мерки кои се преземаа досега.

Логично се наметнува решението дека државата мора да го намали прагот од 18% ДДВ на не повеќе од 12%, и да се откаже од висината на акцизата за некои стоки.

  • намалување на вкупните зафаќања од бруто платата, по основ на даноци и придонеси
  • намалување и целосно укинување на ставките за разни административни надоместоци, глоби, судски и административни такси и разни други владини услуги кои се само товар за граѓаните (во оваа година е предвидено да се реализираат 17.201 милиони денари по тој основ ) уште еднаш да проверам

Македонија се врти во кругот на енормно зголемување на јавниот долг, креира се поголем буџет, а околу 40% од популацијата живее под прагот на сиромаштијата.

Иако постојано се тврди дека банкарскиот сектор е стабилен, во Македонија парите се скапи и често недостапни за малите и средни компании кои се борат да опстанат на пазарот. Грижата за „макроекономската“ стабилност „ малку значи кога доаѓаат сметките за наплата. Наједноставното решение е интервенција во постојната висина на каматите,во одредени случаи тие се едноставно безобразни – ние не сме против профитот, ние сме против лихварството.

Разните Стопански Комори треба да престанат да „плачат“ кај властите дека им недостасува де работна сила, де законска регулатива и да вршат притисок на властите за усвојување на овие мерки како една од мерките за нормализирање на економскиот сектор.

Скопје,Велес,Битола,Пробиштип. Црните точки на картата на Република Македонија. Просто е неразбирлива повеќе годишната индиферентност на властите за здравјето на популацијата во овие региони. Деконтаминацијата на почвата во овие градови е „кампањска тема“ без никакво практично значење.

Последните случувања со „менаџирањето на отпадот“ покажаа дека постојната законска регулатива постои само поради парите ( давани и легални и како поткуп) за да се полни буџетот и приватните сметки на неколкумина.

По примерот на Словенија, Граѓанско Демократската Унија ќе предложи природните води, шумите и почвата бидат прогласени за национално богатство и нивното загадување ќе подложи на ригорозни казнени санкции.

Идната власт мора неопходно да ја примени т.н. “зелена транзиција“ и да престане да размислува за нови рудници за јаглен за РЕК Битола и да формира Фонд за поддршка на транзицијата. Сопствениците на индивидуалните и колективните станбени објекти мора да имаат целосно право да располагаат со енергијата добиена од соларни панели според принципот – колку добил, толку користел.

Конечно, ниедна „политичка програма“ , план, манифест, нема да биде функционален без реализација на погоре опишаните политички реформи и владеење на правото. Во очекување на отпочнување на преговори со Европската Унија, новата методологија предвидува реверзибилен процес при отварањето на секое поглавје, негова евалуација и суспензија на постигнатиот напредок. А слободата, правната држава,граѓанските права и слободи, функционалноста на системот на строга поделба на власта и борбата против корупцијата,се само првиот чекор.

Превземи во PDF